Сега ни треба вашата помош - Апел за донации

 

Иницијативата „СТОП за рудникот на смртта Иловица“ успеа да ја оствари својата прва цел – да се избори за референдуми во општините Босилово и Ново Село, на кои граѓаните сами ќе решат дали се ЗА или ПРОТИВ отворањето на рудникот во Иловица. Не беше едноставно, веќе неколку месеци сме во постојан ангажман, малку уморни, но задоволни сме што првата фаза е успешна и што заедно со локалните самоуправи на општините си дадовме можност да се заштитиме од опасноста.
Досега, практично сите наши активности ги финансиравме сами. Освен донацијата на 20-тина маици и 50-тина плакати, не сме добиле никаква друга помош. Сега сме пред почеток на 40-дневна кампања за референдумите, во која ќе треба секојдневно да ги посетуваме сите села во двете општини. Потребни се средства за пропаганден материјал, брошури, плакати, флаери, транспаренти, спотови, озвучување, превоз, итн., без кои не можеме да се надеваме на успех на терен, особено заради фактот што главната битка ќе биде да го увериме населението да излезе на референдум, за да не ни се случи критична состојба како во Дојран.

Ние сме решени да победиме во оваа кампања, но со ваша помош. Влегуваме во фаза во која ни е потребна поддршка од приватни фирми и/или поединци, кои се во можност да издвојат макар и минимални средства за поткрепа на нашата кампања. Нагласваме дека имавме понуда за финансиска помош од странска организација, но ја одбивме, сакајќи да избегнеме какви било шпекулации, манипулации и злоупотреби.

Нашата Иницијатива е докажано независна, надполитичка и надпартиска - таква мора и да остане ако сакаме успех. Ние не сме т.н. професионални граѓански активисти кои профитираат од активности кои често се само теоретски. Ние се зафативме со реален и горлив проблем и сега ни е потребна поддршка. Победата на референдумите можеме да ја извојуваме само сите заедно во струмичко, подразбирајќи што поширок круг на субјекти кои се свесни за опасностите од рудникот, кои ја разбираат неопходноста од сеопфатна кампања и кои се подготвени да помогнат.
Како што е очигледно, овие активности против рудникот ги покренавме за добробит на сите во Струмичката Котлина, бидејќи сите сме егзистенцијално засегнати на повеќе нивои, особено струмичката економија која ќе биде сериозно загрозена од последиците од рудникот. Ако е за добробит на сите, тогаш сите треба и да учествуваат, секој на свој начин, во рамките на своите можности. Заедно сме посилни и заедно ќе го решиме проблемот.


Потенцираме дека за донирањето ќе имаме транспарентен отчет пред јавноста.

СТОП ЗА РУДНИКОТ НА СМРТТА ВО ИЛОВИЦА!

 

Ваши,
Здрава Котлина – Иницијатива СПАС За Струмичка Котлина

 

Донациите може да ги уплатите преку жиро-сметка:

270072032090180 - Халк Банка АД Скопје