(Одговор на интервјуто на доц. д-р Дејан Мираковски, објавено во Дневник на 18.05.2017)

Наместо вовед

Таканаречената апсурдна рудникофобија всушност има далеку повеќе објективна основа, отколку што инвеститорот и експертите кои веќе биле платени да ја напишат студијата се подготвени да се соочат. Вистината е базирана на факти кои инвеститорот и експертите имаат тешкотија да ги објаснат јавно, па затоа се кријат зад титули и сведување на расправа на ниво на мерење квалификации, наместо да дадат одговори на едноставни прашања кои обичните луѓе ги поставуваат.

Доцент д-р Дејан Мираковски, декан на Машинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, искажа интересни работи кои сепак мора да ги продискутираме и соџвакаме пред да ги голтнеме. Иако е ова долг текст, не е ни оддалеку доволен да му ги предочиме сите дубиози кои ги предизвикува концесијата за рудникот Иловица, чие добивање е крајно контроверзно, но ќе укажеме на проблеми кои тој некако не сака да ги спомнува.

На пример, на 8 мај 2017, а тоа е време во кое веќе јавноста наголемо бруи против рудниците и време во кое не се знае што ќе биде со владата, Министерството за животна средина набрзина усвојува Извештај, изготвен на 4 мај 2017 за за соодветноста на Студијата за оценка за влијанието врз животната средина (СОВЖ) на рудникот Иловица. На некој изгледа нешто многу му се брза. Во него се бара покривање на целата површина на хидројаловиштето со глина, гео-текстил и гео-мембрана со цел да се зашититат подземните води од понирање на јаловината и киселата вода. Ова само по себе е уште еден доказ и признание дека големите стручнаци и експерти дозволија претходно во документите да не се предвиди заштита на цела површина на хидројаловиштето. Како така?

Вистински или фиктивни ризици

СОВЖ е изработена во април 2016 и објавена е на сајтот на инвеститорот. Во неа има многу контраверзни, претпоставки и недоречени работи за кои ќе стане збор малку подолу. Ова е крајно симптоматично и се случува само кога некој крие нешто од јавноста!

Кога сме кај хидројаловиштето, битно е да се знае дека браната ќе биде од камено-насипен вид, висока фантастични 276 метри! Со ова Македонија ќе ќе го заземе високото 6-то место во светот. Во Америка највисоката брана Oroville Dam од 235 метра и пред три месеци имаше криза предизвикана од невообичаени врнежи и дефект на отпусниот систем, па постоеше огромна опасност од попуштање и поплавување. „Малата“ разлика е дека браната на хидројаловиштето на Иловица наместо чиста вода ќе содржи отровна јаловина.

f49cb579-8f82-45e8-9bcc-8a288c726952_1312741078

Илустрација 1

Доцент д-р Дејан Мираковски тврди дека со денешна технологија сосема е можно рудниците воопшто да не предизвикуваат загадување на околната животна средина и тоа требало да им се објаснува на граѓаните. Сепак, покрај примената на модерните технологии во индустријата останува фактот дека најголемите еколошки хаварии се предизвикани токму од индустриите, во прв ред енергетските, со кои е тесно поврзано и рударството. Конкретно, постојат низа еколошки хаварии поврзани со рударството и технологијата за екстракција на металите и минералите, а посебно оние кои вклучуваат изградба и менаџирање на хидројаловишта. Доволно е да се види дека ниту најголемите компании со значително искуство и ресурси на располагање не се имуни на хаварии во кои штетите се мерат со човечки животи, уништени еко-системи и живеалишта, долгорочни последици и санирања, кои неретко чинат милијарди долари. Да не зборуваме за помалите компании.

Ризикот од хаварија го споделуваат сите што се блиску до географската локација на рудниците. Во конкретните случаи, отварање на рудници во југоисточниот регион на Македонија, кој е традиционален произведител на градинарски производи, е едноставно погрешна и промашена политика. Не може да имате органско производство и рудници заедно. Или едното или другото.

Плус ова: Отворањето на рудниците ќе предизвика проблеми со квалитетот и перцепцијата за квалитетот на земјоделското производство и на тој начин директно ќе се загрозат работните места на најмалку 50 илјади земјоделци во Гевгелија, Валандово и Струмица. Ова кажува доволно за проекциите на приходи и дистрибуција на тие приходи во југоисточниот регион.

Иловица и експертите

За рудникот Иловица има премногу мистерии од самиот почетокот. Посебна приказна се органите на државата кои се задолжени да одговараат на сите прашања искрено и транспарентно. Наместо ова, се случува обратно. Типичен пример е случајот кога информациите пласирани од државниот секретар во министерството за екологија госпоѓа Липиткова и заменик министерот за економија господинот Делев, искажани на телевизија и во печатени медиуми дека државата ќе добиела дури 60% од 4-те милијарди долари од Иловица. Ова е ноторна лага и многу кажува за степенот на информирање и перцепција на жителите. Вистината е дека Република Македонија ќе заработи само 2% од царина и 10% од корпоративен данок. А што ќе загубиме е друга приказна.

143088171_24884759

Илустрација 2

Засега, ќе наведеме само три примери, а останатите ќе ги зачуваме за кампањата за референдумот.

ПРИМЕР 1.

Луѓето што ја пишувале и одобриле студијата утврдиле дека е доволно да се постави гео-мембрана само во почетниот дел на браната на хидројаловиштето, додека останатата површина е оставена под претпоставка дека нема да има порозни карпи под хидројаловиштето, што би претставувало закана за подземните води. Во студијата јасно е наведено дека не е истражено и дека постои индиција за процепи во карпите што може да предизика загадување на подземните води. Ова неодговорност не може да се прикрие со никаква титула, а напротив срамот од таква неодговорност предизвиква да се сомневаме дали експертите навистина се експерти. Во најмала рака платеници со тежок конфликт на интерес.

ПРИМЕР 2.

Во студијата јасно е наведено дека јаловината и местото на ископ ќе предизвикаат зголемена киселост на исцедокот од хидројаловиштето и дупката-езеро, што нема да може да се отстрани преку примена на природни пасивни методи, туку мора да се користат активни методи. Луѓето што ја пишувале и одобриле студијата утврдиле дека доволно е да се постават пасивни системи што е во спротивност со наодите од студијата. Навистина, активните методи се далеку поскапи за инсталација, операција и одржување од пасивните методи. Посебно кога се има во предвид дека ќе мора да оперираат повеќе од 100 години. Ова се навистина големи трошоци и се мерат во ранг на милиони долари на годишно ниво, но вистинското прашање е кој ќе плаќа за овие 100 и повеќе години? Убаво е наведено од експерите дека по завршување на рудничките операции, инвестоторот ќе си ги спакува куферите и ќе го остави светлото, печката, телевизорот, бојлерот и климата вклучени, но сметката за струја комотно ќе ја преземе Македонски Шуми АД. Очекувате и ова да го голтеме?! Самиот факт дека мора да плаќате одржување на активни системи повеќе од 100 години директно ја погодува профитабилноста на рудникот. Заради ова, експертите неодговорно предложиле пасивни системи што не трошат пари како решение, иако се свесни дека тоа нема да е доволно. За оние што ќе останат да живеат и пијат кисела вода и не е така страшно – тие ќе бидат жртвувани за Македонија. Ќе повториме, вакви експерти во најмала рака се платеници со тежок конфликт на интерес.

ПРИМЕР 3.

Во студијата стои дека максимален проектиран земјотрес што хидројаловиштето може да издржи е Peak Ground Acceleration од 0.32g. Исто така, оставен е простор во висина од 2 метра во случај на непредвиден прием на повеќе вода од планината при многу силен дожд, како и за стабилизација на хидројаловиштето при вертикален потрес. Но ова се два независни настани. Според студијата, како најблизок сеизмички регион од каде се очекува посилни земјотреси е идентификувана вардаската сеизмичка зона што се наоѓа на расед кој е далеку во ранг од 40- 60 км до рудникот Иловица.

Она што е пропуштено да се земе во предвид е другото сеизмички активно подрачје во околината на Кресна, Република Бугарија на далечина од 45км. Ова е чудно, бидејќи најсилниот земјотрес во континентална Европа се има случено баш во Кресна во 1904 година, со магнитуда од 7.2М по Рихтер, и со неколку земјотреси од 6.4М, 6.9М, 6.3М, 5.9М и 6.4М во последувателен период од 2 години. Ова значи дека хидројаловиштето е изложено на значителен ризик од оштетување при веројатни блиски земјотреси.

Имајќи предвид дека Иловица ќе ја има 6-тата по висина највисока брана во светот, тогаш навистина зачудува смиреноста на експертите небаре се гради кокошарник или ќенеф. Што ако се погоди влажна година со многу дожд, силно 24 часовно невреме и силен земојтрес? Што вели студијата за ова? Ваков ситуација во која два или три независни настани се подудараат не e предвиден во студијата. Не дека нема шанси да се случи зашто сведоци сме на климатски промени. Студијата вели дека мора да се направи спектрална анализа за забрзување на земјиштето на теренот како и да се определи каков материјал ќе се вгради во браната пред да се гради хидројаловиште со брана од фантастични 276 метри!

Видео 1

Коцкари

Конечно, на површина излегува прашањето што ако браната попушти, па поплавен бран од ликверирана јаловина со висина од 5 метра и брзина од 50км/ч се испушти по долина од 500м висина? Според пресметки, волуменот од 210 милиони метри кубни јаловина е доволен да покрие приближно 14 000 хектари површина за време од 30 до 50 минути. Ова површина не е незначаен остров во океанот ниту безимена дивина во планина. Оваа површина се вика Струмичка Котлина и тука живеат 100 илјади жители. Колку мртви ќе има за 1 час, ако се земе податокот дека нема никакви шанси за известување и евакуација пред цунамито од јаловина што ќе збрише сè пред себе? Каква ќе биде штетата од ова? Кој ќе ја санира?

gambling_2074072b_1904053168

Илустрација 3

Еуромакс веднаш ќе прогласи банкрот под изговор на виша сила и час поскоро ќе ја напушти Македонија. Тогаш државата ќе мора некако да се справува со тешки краткорочни и долгорочни проблеми. Заради 2% царина и 10% данок? Заради изгубена доверба во квалитетот на земјоделските производи од овој регион? Заради експертите што не можат да кажат дека навистина е можно ова да се случи во следните 100 години? Каде се сега вашата модерна технологија и пракси?

Отворете YouTube и видете како други далеку пониски брани се рушат од природата или од човечка грешка, но ефектот е ист. Отворете го следнот линк

Видео 2

Таму има сличен настан што се случил во Италија. Да напоменеме дека Иловица е 1000 пати поголема и соодветно катастрофата би била значајно поголема. Дека овој рулет се исплаќа?

Се исплаќа ли некој да се коцка со нашите судбини за 12%, а инвеститорот да добие 88% од 4 милијарди. На 100-те илјади жители на Струмичката Котлина и на Република Македонија ова не им се допаѓа ниту исплаќа по ниеден основ!

Експерти, работете нешто од струката.

П.С. Примерот што го посочува Мираковски за иселување на најсеверниот шведски град на Арктикот заради тамошниот рудник е трагикомичен. Населението е не се иселува доброволно. Проверете, прочитајте на гоогле (Kiruna: the town being moved 3km east so it doesn't fall into a mine). Многу чудна е експертската перцепција за доброволност. Се работи за насилно иселување. Господиене експерту Мираковски, Струмичката Котлина не е на Арктикот. И каде тоа Вие би нè иселиле сите нас?

Иницијатива СПАС за Струмичка Котлина - СТОП за рудникот на смртта Иловица!